Лознани
Населбата си го добила името по тоа што во околината имало големи површини под винова лоза. Селото се наоѓа во северниот дел на Битолско Поле, а во иста насока на територијата на Општина Могила, непосредно од десната страна на Црна Река. Лознани лежи во подножјето на Голем Врв (790 м надморска височина) кое е на запад од селото, додека на исток се пружа широката низина на Пелагониското поле. Селото е рамничарско сместено на 600 м надморска височина. Од Могила е оддалечено 15 км., од магистралниот пат Битола-Прилеп 4 км., а од Битола 22 км. Атарот зафаќа простор од 9 км2.
Недалеку од селото поминуваат магистралниот пат и железничката пруга Прилеп - Битола, на која постои железничкото стојалиште ЖС „Лознани“.
Населението се занимава со полјоделство. Во близина на селото има силоси за жито со млин. Има и училиште до 5 одделение, подрачно на ОУ „Кочо Рацина“ – Ивањевци.
Според бројот на популацијата Лознани преминало од средна во мала населба, којашто во 1961 година имала 586 жители, а во 2002 бројот се намалил на 185 жители сите македонци. Бројот на емигрирано население изнесува над 300 лица. Најголем дел се иселиле во Битола, Прилеп, Скопје, прекуокеанските земји и Европа. Во 2008 година селото имаше 180 жители.
Селото има една црква и еден манастир. Селската црква е посветена на Св. Атанасиј Велики изградена (1860 година, доградувана 1900 и обновена во 1926 година). Манастирот Св. Кирил и Методиј (изграден 1990 година, храм и манастирски двор) претставува главна манастирска црква на Лознанскиот манастир. Црквата се наоѓа во манастирски комплекс јужно од селото, во падините на Селечка Планина на 637 метри надморска височина, на само неколку метри од древните урнатини на старата црква. Во комплексот се наоѓа и црквата посветена на „Св. Ѓорѓи“. Од манастирот извира бистра и питка вода.
Ден на селото е Атанасовден 15-ти Мај.