Беранци
Според легендата прв во месноста се населил некојси Берон од с. Вевчани – Струшко, кој избегал од налетот на Турците. Берон формирал фамилија и започнал да живее на ова место. Тоа значи дека Беранци е село во кое живеат Беронците.
Населбата се наоѓа на западната страна на територијата од Општина Могила, а во северниот дел на Битолско Поле. Од Битола е оддалечена 15 км., а од Могила 7 км. Селото е рамнинско и лежи на 650 м надморска височина. Атарот зафаќа простор од 19 км2. Селото има полјоделско - сточарска функција. Во селото има бројна современа агромеханизација, повеќе од 40 нови куќи и дом на култура.
Во населбата има основно училиште до 5 одделение. (подрачно училиште на ОУ „Кочо Рацин“ - с. Ивањевци).
Од Беранци се иселиле голем број од населението, така што тоа преминало од голема, во средна населба. Бројот на емигрираното население изнесува околу 1000 лица. Во 1961 година селото броело 1127 жители, а во 2002 година бројот се намалил на 445 жители сите Македонци. Најголем дел од населението се иселиле во Битола, Прилеп, Скопје, прекуокеанските земји и Европа. Во 2008 година селото броеше 370 жители.
Во селото има црква посветена на Св. Атанасиј Велики (подигната 1868 година, срушена во Првата светска војна, обновена во 1924 година и најпосле реновирана во 1988 година.
Над селото, на 780 м надморска височина има средновековен манастит посветен на Св. Јован Крстител (што датира од 1860 а реновиран во 1970 година).
„Водичарките“ од битолското село Беранци се уникатен и прекрасен редок спој на христијанската религија и народните обичаи. Традиција која со децении наназад единствено од цела Македонија се практикува во ова населено место за празникот Богојавление – Водици. „Водичарките“ се женска група, облечена во традиционална носија, составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, а групата ја предводи главната водичарка.
Исто така во групата има и две момчиња. „Водичарките“ прво присуствуваат на црковната служба во црквата во манастирот Свети Јован Крстител кој се наоѓа веднаш над селото, а потоа со икони во рацете – на Св. Јован Крстител и на св. Богородица, „Водичарките“, предводени од локалниот свештеник, три пати ја обиколуваат црквата пеејќи ја обредната песна „Ој ти цркво лепа, цркво дос, дос“.
Беранци 19 јануари го викаат Машки Водици, додека 20 јануари, кога е соборот на Свети Јован Крстител, Женски водици. И во двата дена се одвиваат овие обичаи. Според колективната меморија на локалното население, вакви женски обредни поворки во селото имало уште во 19 век. Но за жал, поради не постоење на записи ниту етнологијата, ниту фолклористиката не можат прецизно да го датираат кога и како започнува овој обичај.
Жителите велат дека оваа традиција која е уникатна во нивното село се пренесува од дамнина на младите поколенија. Се надеваат дека овој обичај ќе продолжии да се практикува и понатаму.
Потоа откако ќе заврши црковната служба се оди во близина на базентот каде што се фрла крстот, а „Водичарките“ за целото тоа време пеат водичарски песни.
(Текстот за „Водичарките“ е преземен од - www.infokompas.com.mk)