Мусинци

        Првите жители на Мусинци се забележани во 1468 г. кога имало само 5 жители, христијани.          

        Населбата се наоѓа во североисточниот дел на Битолското Поле, на границата на Пелагонија, пред почетокот на појасот на Мариовскиот регион , во подножјето на ридот Еленик кој припаѓа на Селечка Планинa во непосредна близина со границата на Општина Прилеп. Од Битола е оддалечено 29 км., а од Могила 17 км. Атарот зафаќа површина од 11,5 км2.

        Во селото работи основно училиште до 5 одделение.

        Селото е рамничарско сместено на 630 м. надморска височина. Најголем број жители населбата имала во 1953 г., и тоа 190 домаќинства со 1222 жители, од кои 1200 Турци, 18 Македонци, 3 други и 1 Албанец. Во 2002г. бројот се намалил на 302 од кои 284 Македонци, а само 16 Турци. Од оваа населба се иселиле над 1400 лица. Најголем број иселено население има во Битола, Охрид, Прилеп, Европа и прекуокеанските земји. Во 2008 г. во селото имаше 300 жители.

        До средината на педесеттите години селото било населено скоро 98% со турско население и броело околу 150 домаќинства. По мигрирањето на ова население претежно во Турција, во селото се доселиле Македонци претежно од мариовските села.

        Според кажувања, во далечното минато, (можеби античко, римско или византиско),постоело населено место кое се наоѓало на ридот Еленик кој се издига над селото. Истото го носело името Еленик. Сегашното име го добило според одреден Муса кој имал голем атар на подрачјето каде сега се наоѓа селото (или можеби бил некој турски бег). Се претпоставува дека името Еленик било според кралицата Елена која живеела на тие простори во историското минато на што укажуваат и одредени симболи. Во непосредна близина на местото викано Еленик се наоѓала рововска линија од времето на Првата светска војна што е забележително и денес.

        Мусинци е село со скоро најголема пасна површина т.н. "чаир" (во окoлината на Битола) и идеално за сточарска дејност.

        Во селото главниот селски храм е посветен на Рождество на Пресвета Богородица а во поново време изграден е и Манастир Св. Петка.

        Во Мусинци порано имало и џамија.

Цркви и Манастири

Рождество на Пресвета Богородица

Манастир Св. Петка