Радобор
Според една легенда, името на селото е во врска со плодноста на земјиштето, па така селаните за своето село викале реди-бери и радо-бери, ова име подоцна се трансформирало во Радо-бер, односно Радобор.
Населбата се наоѓа во средишниот дел на Битолското поле, недалеку од Црна Река и границата со Општина Новаци. Селото е рамничарско, на 579 м. надморска височина. Од Могила е оддалечено 5 км., а од Битола 15 км.
Населбата во однос на популацијата преминала во мало село. Така во 1961 г. селото имало максимум 431 жител, а во 2002 г. – 145 жители. Бројот на иселеници изнесува 300 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европските држави. Во 2008 г. во селото имаше 140 жители.
Слава на селото е Павловден. Црква Св. Петар и Павле е главната селска црква, датира од 1891 година.