Голем Град

        Голем Град е остров во Преспанското Езеро и е најголемиот природен остров во Република Македонија. Искачувањето на островот е можно само на места - пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“, каде постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец. Островот лежи скриен во езерото.

Островот Голем Град се наоѓа на околу 2 км. од брегот на езерото (Пречна планина). Има елипсовидна форма со должина 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и клифови со височина 20 до 30 метри.

        Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности.

        Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.

        Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од неолитот, хеленистичкото и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви, а постоеле дванаесет. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода. Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик. Островот бил привлечен уште во римската епоха и подоцна во средновековието, што се потврди со два откриени слоја гробови како постојната црква Св. Петар (14 век) и кај темелите на црквата Св. Димитрија.

        Од 1967 година се вршени археолошки истражувања на островот, се откриени остатоци уште на две ранохристијански цркви (4-5 век) а се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви што укажува на фактот дека бил густо населен.

Покрај сето ова, во некрополите е пронајден златен, сребрен и бронзен накит, што се наоѓаат и во богатите градови и наоѓалишта, но што е најчудно и најзабележително, во нив не е пронајдено оружје. Оттука може да се дојде до сознанието дека се она што е крупно, луксузно, што се случува во големите центри може да се најде и во Голем Град.

        Пеликанот е дел од богатата фауна во овој крај. Како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, него кај нас го има единствено на двете преспански езера (Големото и Малото), а престојуваат 6 месеци (15-ти април - 15-ти октомври) во јата од над 100 птици. Пролетното долетување на овие бели птици не е многу забележливо, но за време на есенската преселба тие се собираат во јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина се упатуваат кон своите зимувалишта.

        На островот е ставена во употреба посебна патека што води до сите локалитети, со поставени информативни табли на македонски и англиски јазик, како и пристапен мост, со оглед дека се работи за тешко пристапен терен. Патеката е уредена токму со цел за да се ограничи движењето на посетителите, односно за да нема неконтролирано движење по островот.

Цркви и Манастири

Св. Петар

        Свети Петар е една од седумте, но единствена целосно сочувана црква на островот Голем Град во Преспанското Езеро. Таа е изградена околу 1360 година, за време на владеењето на царот Волкашин.

        Нејзината архитектура е добро сочувана, а нејзина реконструкција последно е извршена во 1934 година. Црквата претставува нагласено висока градба без купола изградена од тули и кршен камен. Фреските во црквата се слабо зачувани и тоа на источниот, западниот и јужниот ѕид и делумно на јужната фасада. Поради долгите изложувања на надворешни влијанија зачуваниот живопис е во лоша состојба. Сепак некои делови можат добро да се забележат како што е ликот на Св. Роман Мелод.

        До црквата се наоѓа единствениот конак кој е изграден во XIX век е што се ползувал за живеење на црковните служители, но и чувари на илегалните македонски револуционери од предилинденскиот и за време на востанието во 1903 година кога на островот биле засолнувани голем број преспански востаници.

Св. Димитриј

        И Свети Димитрија е една од некогашните седум цркви на преспанскиот остров Голем Град и се наоѓна на неговиот јужен дел. Црквата се наоѓа во урнатини и покрај фрагментите од фреските, тука е пронајдена стара римска цистерна од доцната антика. Кога во средниот век таа веќе немала никаква употреба затоа што античката населба веќе не постоела, монасите ја забележале оваа градба која била доста добро сочувана ја преградиле, ја преуредиле и и додале олтарен простор со што ги добила сите елементи на црква.