Слоештица

        Слоештица се наоѓа во југозападниот дел на Општина Демир Хисар, од десната страна на Црна Река. Селото е ридско, на надморска височина од 770 метри.

        Селото е познато по неколкумина истакнати дејци и легендата за коњаницата на Александар Македонски.

        Атарот на селото зафаќа простор од 21,4 км², при што преовладуваат шумите со површина од 1.511 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 330 хектари, а на пасиштата 269 хектари.

        Селото е познато по својата легенда за Александар Македонски. Имено во близина на селото, постои еден карпест рид на којшто сѐ уште постојат отисоци од копитата на коњаницата на Александар Македонски. Тие се траги видени кон месноста Бела Река каде што војниците на Александар Македонски сечеле лески за копјата на фалангата.

        На влезот во селото се наоѓа Основното училиште „Браќа Миладиновци“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Браќа Миладиновци“ - Жван

        Над селото има валавици од кои постојано гргори водата која паѓа од високо. Под валавиците често доаѓаат излетници кои наминуваат да се освежат во летниот период, други доаѓаат заради планината која изобилува со шумски плодови и најубавите видови печурки. Само таму може да се најде и најретката - тартуфот.

       Во селото функционира ликовна колонија на „Art Point - Gumno“ која е непрофитна организација сместена во селото. Нивните активности се фокусирани на уметностите, културата, грижа за животната средина и за локалниот економски развој на горнодемирхисарскиот регион.

        Во селото Слоештица, секоја година, на 28 август, се одржува манифестацијата „Славење на пирејот“ во спомен на писателот Петре М. Андреевски

        Во 1905 година во Слоештица имало 720 жители. Во текот на втората половина на 20 век, од Слоештица се иселил значителен број од населението, така што, населбата преминала од средно, во мало село. Во 1961 година селото имало 746 жители, а во 1994 година 299 жители, македонско население.

        Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 221 жител, сите Македонци. Денес има околу 120 постојани жители.

 

 

Цркви и Манастири

Св. Атанас

Пресвета Богородица

Св. Никола

Манастир Св. Ѓорѓи

Топлички Манастир - Св. Никола

        Топличкиот манастир со црквата посветена на Св. Никола се наоѓа во подножјето на „Плакенска Планина“, односно помеѓу селата Жван, Бабино и Слоештица, во месноста „Топлица“.

        Се претпоставува, дека првобитната црква на Топличкиот манастир била подигната во XIV век. Првата црква била градена од камен и кал, а зачуван е само еден ѕид и влезот на црквата од западната страна.

        Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и западната страна.