Жван

        Жван се наоѓа 14 км. северно од градот Демир Хисар на десниот брег на реката Црна, која лежи на самиот пат помеѓу Кичево и Битола. Селото е рамничарско, на надморска височина од 690 метри. Сместено е под планината Бигла, непосредно под пасивниот рудник за железна руда.

        Земјиштето на Жван зафаќа површина од 9,1 км², од кои обработлива земја е 248,9 ха, пасиштата заземаат 154,2 ха, а горите 456,4 ха.

        Во минатото селото Жван преживеало многубројни војни, па поради тие војни е поделено на два дела, односно селото Жван и подмесноста Отрап. Според една легенда, името Жван е добиено според анот што се наоѓал во месноста Отрап. Кога тој ан станал познат луѓето често се прашувале каде ќе одиш и тие често одговарале ан, со што анот станал живан и со текот на времето селото го нарекле Жван.

        Латинска Црквa или Св. Димитриј е археолошки локалитет во демирхисарското село Жван. Локалитетот претставува црква од средниот век. Се наоѓа на 1 км североисточно од селото, десно од патот Битола-Кичево, каде се наоѓа мала црквичка во која е зачуван натпис поставен над западниот влез од внатрешната страна, на кој е наведена изградбата на црквата во 1634 година.

        Меѓу селата Слоештица и Жван е сместен Топличкиот манастир.

        Според истражувањата на Пане Перуновски селото во пописните турски дефтери е запишано како Џван-хане. Во текот на петнаесеттиот век населбата броела шеесет и едно семејство, а во почетокот на седумнаесеттиот век биле регистрирани дваесет и една куќа. Селото првин се наоѓало на потегот на црквите „Света Петка“ и „Свети Димитрија“ кои се на левата страна на Црна Река. Со оглед на денешната распространетост на селото од двете страни на реката се забележува одредено проширување.

        Во текот на втората половина на 20 век, од Жван се иселил значителен број од населението. Во 1961 година селото имало 904 жители, а во 1994 година 506 жители, македонско население. Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 428 жители, а денес околу 250 постојани жители.

 

 

Цркви и Манастири

Св. Петка

Св. Илија

Св. Димитрија

Св. Архангел Михаил

Св. Крст

Топлички Манастир - Св. Никола

        Топличкиот манастир со црквата посветена на Св. Никола се наоѓа во подножјето на „Плакенска Планина“, односно помеѓу селата Жван, Бабино и Слоештица, во месноста „Топлица“.

        Се претпоставува, дека првобитната црква на Топличкиот манастир била подигната во XIV век. Првата црква била градена од камен и кал, а зачуван е само еден ѕид и влезот на црквата од западната страна.

        Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и западната страна.