Мренога

        Мренога се наоѓа во југозападниот дел на Општина Демир Хисар, од десната страна на Црна Река, 19 км северозападно од градот Демир Хисар. Селото е ридско, на надморска височина од 760 метри.

        Мренога е сместена во долината на Боишка Река. Источно од селото се наоѓа ридот Илиница, западно од него Плакенска Планина, а на север од селото долината на Боишка Река се отвора за да направи пат да се влее во Црна Река.

        Атарот на селото зафаќа простор од 14,4 км², при што преовладуваат шумите со површина од 1.184 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 183 хектари, а на пасиштата само 45 хектари.      

        Природна реткост - Дабова состоина "Мренога" се наоѓа во месноста “Грнчари“ кај манастирот Св. Атанас, во атарот на с. Мренога, на подножјето на Плакенска Планина. До локалитетот се пристигнува по шумски пат што води над селото. Таму се среќаваат околу 35 стари дабови стебла од цер (Quercus ceris), горун (Quercus petraea) и плочкач (Quercus frainetto), кои зафаќаат површина од 2,59 хектари.

        Во текот на втората половина на 20 век, од Мренога се иселил значителен број од населението, така што, населбата преминала од средно, во мало село. Во 1961 година селото имало 414 жители, а во 1994 година 185 жители, македонско население. Според последниот попис во 2002 година, бројот на жители во Мренога е 107, а денес има околу 30 постојани жители.

 

Цркви и Манастири

Св. Спас

Манастир Св. Атанас