Бабино
На само еден ипол километар од регионалниот пат Кичево - Битола, по текот на Бабинска Река распослано е селото Бабино. Вгнездено под недогледна шума на надморска височина од 750 метри.
Бабино е ридско-планинско село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, неколку километри северозападно од градот Демир Хисар. Оддалечено е 45 км од Битола, а 35 км од Кичево.
Во атарот на Бабино има многу извори. По текот на Базерничка Река, на речиси секои 100 метра има по еден извор почнувајќи од Горни ливади, па сè до вливот во Црна Река.
Селото се дели на три маала: Горна, Долна и Средна.
Жителите веруваат во преданието за старицата од Бабино, која набркана од своите снаи, со години живеела сама длабоко во шумите на Илинска Планина. Протераната старица гневна на судбината го проколнала сиот женски род од својот крај на стари години да живее самотнички живот исто како неа. Оттука и верувањето како селото го добило името Бабино.
Според друга легенда, кога старите Римјани за првпат ја освоиле оваа територија, започнале со праксата на истребување на машкото население, со цел полесна асимилација и колонизација. Речиси сите жени од селото со малите дечиња побегнале во планините и таму живееле десетици години. Кога се вратиле да го обноват селото, сите веќе биле баби.
Судејќи по археолошкиот локалитет Вртешка, селото е населено барем од доцната антика. Во отоманските записи од 1611-1612 година селото е запишано како Бабине со 47 џизие ханета (домаќинства)
Бабино е најпознато по најголемата приватна библиотека во Македонија, сопственост на Стево Степановски, која брои над 20.000 книги. Оваа библиотека сега официјално е регистрирана и се вика Клуб на читатели „Ал-Би“. Библиотеката е сместена во куќа со традиционален изглед, во неа постои отворена етно-соба, додека пак во дворот е изграден приватен амфитеатар, каде што се одржуваат промоции, поетски читања, музички концерти и др. настани
Од Бабино потекнуваат 162 учители, кои по Втората светска војна ја ширеле писменоста низ цела Македонија
Во 1961 години бројот на жители изнесувал 451. Во 1994 година, бројот се намалил на 70. Според пописот од 2002 година, населението на Бабино повторно се намалило и тоа брои 34 жители: Ваквото драстично намалување на населението е карактеристика на многу села од овој регион. Денес во селото има само 4 постојани жители.
Цркви и Манастири
Св. Никола
Топлички Манастир - Св. Никола
Топличкиот манастир со црквата посветена на Св. Никола се наоѓа во подножјето на „Плакенска Планина“, односно помеѓу селата Жван, Бабино и Слоештица, во месноста „Топлица“.
Се претпоставува, дека првобитната црква на Топличкиот манастир била подигната во XIV век. Првата црква била градена од камен и кал, а зачуван е само еден ѕид и влезот на црквата од западната страна.
Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и западната страна.