Мало Илино

        Селото Мало Илино се наоѓа во северозападниот дел на Општина Демир Хисар, во изворишното сливно подрачје на Црна Река, чиј атар се издига до сртот на Плакенска Планина. Селото е планинско, на надморска височина од 950 метри.

        Атарот зафаќа простор од 16,5 км2. На него најголема површина заземаат пасиштата од 630 хектари, на шумите отпаѓаат 499 хектари, а на обработливото земјиште 250 хектари. Според тоа селото има мешовита земјоделска функција.

        Денес под горното име постојат две села – Големо и Мало, односно Горно и Долно, само неколку километри оддалечени едно од друго. Според сочуваното предание, порано постоело само едно Илино, на преминот наречен Илинска Црква која се наоѓа околу 3км јужно од Големо Илино. Таму и денес стои старата селска црква. Оттука селото се преселило поради големите зулуми што ги трпело од вооружените арнаутски дружини, кои доаѓале од областа Черменика. Притоа од старата населба настанале две нови – Големо и Мало Илино.

        Во 1948 г. селото броеше 387 жители, додека во 2002 г. според последниот попис бројот се намали на 50. А денес има околу 20 постојани жители. Голем дел од иселеното население  се доселило во Демир Хисар, Битола, Скопје, прекуокеанските земји и во Европа.

 

Цркви и Манастири

Св. Илија

Св. Богородица Пречиста

Манастир Св. Илија

        Свети Илија е македонски православен христијански црковен и манастирски храм кој се наоѓа високо на падините на Илинска Планина над селата Мало и Големо Илино на надморска височина од 1544 метри. Манастирската црква е изградена во 1990 година.

        Секоја година на Илинден се одржува голем црковно-народен собор и прослава со многубројни посетители од Мало Илино, Големо Илино, Брежани повеќето села во Демирхисарско, Охридско, Кичевско како и од градовите Демир Хисар, Охрид, Битола и иселеници од Скопје и странство, заради што во дворот на манастирот има 2 конаци.

        Од манастирот води доброобележана планинарска патека кон врвот Лиска.