Велмевци
Велмевци се наоѓа во северозападниот ридест дел на територијата на Општина Демир Хисар. Лоцирана е во изворното сливно подрачје на Црна Река. Селото е планинско, се простира на падините на Илинска Планина на 950 метри надморска височина и изобилува со извори, со букова и дабова шума.
Атарот зафаќа простор од 12,1 km2. На него преовладуваат шумите на површина од 729 ha, на пасиштата отпаѓаат 233,3 ha, a на обработливото земјиште 211,1 ha. Селото има полјоделско-шумарска функција.
Во Велмевци е вечното почивалиште на славниот војвода Јордан Пиперката заедно со неговата дружина, каде се наоѓа и споменик.
Првата фудбалска екипа во селото било создадена во 1909 година, многу години пред тоа да се случи во многу поголеми места и градови низ Mакедонија. Како спомен на првата фудбалска екипа, чешмата на сретсело има камена топка
Населбата е мала и е во фаза на раселување. Во 1948 година селото броело 619 жители, во 1994 година само 18 жители, а денес има само 7 постојани жители.
Голем дел од иселеното население се доселило во Демир Хисар, Кичево, Битола, Скопје, прекуокеанските земји и во Европа.