Сопотница

        Сопотница - село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар. До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина.

        Сопотница се наоѓа во подножјето на два рида - Голема Глава и Кула, на источните падини на Плакенска Планина. Селската река извира во месноста Извор, па затоа од мештаните е наречена Изворија.

        Селото се наоѓа на левиот брег на Црна Река, на 10 километри од градот Демир Хисар. Населбата била поврзана со железничка линија со Прилеп, која денес не е повеќе во функција.

        Сопотница е рамничарско село сместено на надморска височина од 670 метри. Атарот зафаќа површина од 17,6 км². На него шумите заземаат површина од 850 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 492 хектари, а на пасиштата 289 хектари.

        Селото е основано мошне одамна, иако не се знае точно годината на неговото создавање, за што не постојат пишани документи. Може да се претпостави дека го основале Словените. Неговото име е словенско и означува подрачје богато со извори. Првите жители на Сопотница биле припадниците на племето Брсјаци (Березити), како и во целата област.

        Во 1949 година преку доброволна работа бил изграден задружниот дом, во 1956 година селото добило електрична енергија, во 1969 година бил изграден водовод, во 1975 година била асфалтирана главната улица, а во 1980-тите години селото ги добило и станбените згради.

        Во селото работи фабричкиот погон „Железник“, за производство на сачми. Во близина на селото се наоѓа и рудникот „Демир Хисар“.

        Во 1961 година селото имало 956 жители, а во 1994 година 989 жители, македонско население, со што населбата се вбројува во големи села. Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 929 а денес има околу 650 постојани жители.

Цркви и Манастири

Св. Никола

Манастир Св. Атанас