Граиште

        Граиште е село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, се наоѓа во долината по течението на Црна Река, на 3,5 километри од градот Демир Хисар. Селото е рамничарско на надморска височина од 610 метри. Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 3,6км2. Селото има полјоделска функција.

        Во селото се наоѓа Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар.

        Во 1961 година селото било средно по големина и броело 311 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 164 жители. Според последниот попис од 2002 година во селото живееле 145, а денес живеат околу 100 жители.

         Градиште е археолошки локалитет во демирхисарското село Граиште. Локалитетот претставува градиште од раноантичко и доцноантичко време. Се наоѓа на висок конусен рид со зарамнето плато, опкружено од три страни со речни долини. Оградено е со три појаси од одбранбени ѕидови градени од камен без малтер, кои во вид на тераси опфаќаат простор од околу 10 хектари. По површината се среќаваат многубројни фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Најдени се повеќе од 200 монети од IV-II век пред н.е. со ликовите на Филип II, Александар Македонски и други македонски кралеви.Во западното подножје се откопани гробови со златен накит. Во јужното подножје на ридот, над селското училиште се откопани поголем број гробови градени од камени плочи во кои меѓу прилозите имало и монети од IV век. Наодите се сместени во Музејот на Македонија во Скопје и во Заводот и музеј во Битола. Во изворите покрај името Градиште фигурираат и имињата Браунион, Трипола и Добрун.

        Градиште бил град-артерија во југозападниот дел на античка Македонија. Оваа тврдина имала важна улога и во текот на римското, византиското и самуиловото владеење, како и во времето на средновековните владетели Добромир Хрс и Добромир Стрез.

Цркви и Манастири

Св. Леонтиј

Манастир Св. Тома

        На околу 4км од Општинскиот центар Демир Хисар се наоѓа Манастирот “Св. Тома” што спаѓа во манастирите од локален карактер. Манастирот во народот е познат како Шутиманастир, а се наоѓа на тромеѓието на Граишкиот, Вардинскиот и Мургашевскиот синор. Според некое научни сознанина манастирот потекнува од втората половина на XIII век. 

До пред само неколку години на ова место постоеше руина од некогашниот апостолски храм од темелите и дел од ѕидовите како и мермерниот столб во чесната трпеза. Благодарение на огромната посветеност во Бога и црквата на благочестивата граиштанка Цвета Ристевска, воскресна идејата за возобновување на манастирот.

Тој бил разрушен во XVIII век, а возобновен во 2002 година. Подигнат е на старите темели, со основа во форма на четирилисна детелина. Самата градба зборува дека спаѓа меѓу најстарите манастирски цркви во Демирхисарско и Македонија. Ваква градба е вистинска реткост. Од неговиот двор како на дланка се гледаат демирхисарските села и полето. Благодарение на еден запис на фрагмент од службен минеј за месец септември од XVI век, се открива книжевната дејност во овој манастир. Книжевникот Спиридон учел, живеел и творел во манастирот кон крајот на XVI и почетокот на XVII век, во манастирската библиотека, која била сместена во една просторија од конаците кои го опкружувале манастирот.

Во XVI век манастирот Св. Апостол Тома со околните цркви претставувал манастирски комлекс со развиен духовен центар којшто истовремено бил и просветен книжевен и уметнички центар за ова поднебје. Во манастирските конаци била сместена богата библиотека со црковни и световни книги а работело и црковно училиште во кое се школовале свештеници и учители.