Кутретино
Кутретино се наоѓа на југоисточниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, од десната страна на Црна Река, недалеку од регионалниот пат Битола - Демир Хисар. Селото е рамничарско, на надморска височина од 650 метри. Атарот е мал и зафаќа простор од 3,9км2. Селото има полјоделска функција.
Тука е очигледна градбата на новоградби. На дел од некогашните плодородни ниви, изминатва деценија никна нова населба каде се населија луѓе од Боиште, Лесково и Церово и други места.
За случајниот минувач речиси е незабележлива природната граница меѓу населбите Кутретино и Суводол. Заеднички се: училиштето, фудбалското игралиште, Црквата Св. Константин и Елена и селските гробиштата. Суводолчани и Кутретинчани ја празнуваат Голема Богородица, односно Успение на Пресвета Богородица што се слави на 28 Август.
Според зачуваната легнеда на месноста „Леска“ се наоѓала голема средновековна населба под името Лескоец или Леска. Или како што мештаните ја нарекуваат старо Кутретино. Во неа имало многу богата црква што ја уништиле Турците. Столбовите и камените блокови биле однесени во селото Гопеш и вградени во тамошната црква.
Кутретино е мала населба но една од ретките со пораст на населението. Така, селото во 1961 година Кутретино броело 164 жители, во 1994 година бројот се зголемил на 271 а денес има околу 300 жители.