Смилево

        Смилево се наоѓа на крајниот јужен дел од територијата на Општина Демир Хисар, во подножјето на Бигла Планина. Селото е ридско, на надморска височина од 940 метри.

        Од патот Демир Хисар – Битола населбата е оддалечена малку повеќе од девет километри. Атарот зафаќа површина од 16,4 км²

         Познато е по Смилевскиот конгрес и кревањето на Илинденското востание. Селото е родно место на големиот национален деец Даме Груев — еден од основачите и водачите на ВМРО, овековечен со споменик.

        Смилево е единствено мијачко село во Демирхисарско. Населено е со Мијаци, дојдени од мијачкиот предел кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулуми и грабежи. Легендата вели дека до денешната населба на селото Смилево постоела населба од Брсјаци. Тоа место се нарекува Старо Смилево. Новопристигнатите Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и таму се јавиле грабежи и несигурност го напуштиле сточарството и се ориентирале кон ѕидарскиот занает. Набргу станале најголемите мајстори - ѕидари во Битола, Ресен и пошироко.

        Жителите на Смилево активно се вклучиле во борбите на ВМОРО. Тука се одржува и Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903 година, на кој е решено да се крене Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, а индиректно во Македонија и Одринско. За време на востанието селото било ослободено, но потоа селото е три дена разграбувано и опожарено.


        Во Смилево постои ОУ "Даме Груев" - кое датира од турско време. Во текот на 1963 година изграден е споменик на Даме Груев. Исто така во спомен на 100 години на Илинденското востание 1903 и познатиот Смилевски конгрес подигнат е Спомен музеј. Изградбата на музејот започнала во 2003 година и завршила следната 2004 година кога музејот бил отворен.

        Петровден е главна селска слава на селото

        Во почетокот на XX век Смилево било големо село и во него живееле околу 2 200 жител. Од Смилево се иселил голем дел од населението и селото преминало од голема, во средна населба, населена со македонско население. Во 1961 година селото броело 1.158 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 384 жители. Во 2002 година во Смилево живееле 321 жител, а денес има околу 150 постојани жители - сите Македонци.

 

Цркви и Манастири

Св. Ѓорѓи

Манастир Св. Петар и Павле

Св. Ѓорѓи

Св. Димитрија

Св. Петка

Св. Недела