Манастир
Село Манастир се наоѓа на западната страна во прилепскиот дел на областа Мариово по долината на Црна Река, односно од нејзината десна страна. Припаѓа на територијата на Општината Прилеп.
Селото е ридско, на надморска височина од 690 метри. Од градот Прилеп е оддалечена 38 км. Населбата е мала и е во фаза на раселување. Во 1961г. броела 232 жители а во 2002г, само 4 жители.
Цркви и Манастири
Св. Никола
Во пазувите на славното прилепско Мариово, со својата духовна убавина блеска манастирот посветен на Св. Никола, во кој од пред неколку години е обновен монашкиот живот. Манастирот е подигнат на широко карпесто плато, а на стотина метри западно од црквата почнува големиот кањон на Црна Река.
Црквата „Св. Никола“ во село Манастир е значаен споменик на културата од византискиот период, која содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“, изработени во првиот период од византиското владеење. Ваквиот тип сликарство е многу редок и е застапен само во црквата во Курбиново и „Света Софија“ во Охрид. Црковниот фрескоживопис е колоритен и со стил, близок до Константинополската иконографска школа, а фреските што датираат од 1271 година се едни од најстарите фрескоживописи во Македонија.
Црквата е трикорабна базилика без нартекс која на источната страна завршува со три апсиди. Во Првата светска војна црквата била многу оштетена, особено западниот ѕид и сводот. Подоцна била доградена, но без фрескоживопис. Од написот на јужниот и северниот ѕид од централниот кораб се дознава дека денешната црква била подигната во 1266 година на темелите на старата црква подигната во 1095 година од протостаторот Алексеј, роднина на византискиот император Алексеј Комнин.
Од 2007 година игумен на манастирот е Отец Никола, кој е и најзаслужен за обновувањето на монашкиот живот, и грижата за овој значаен древен духовен центар во Мариово.