Сович

        Месното население селото го викаат Совиќ или Соич. Има легенда дека кога дошле Турците во селото ги прашале селаните со што се живее во оваа села (гледајќи дека не постои плодно земјиште), а тие одговориле дека живеат: „Со ич“. Од тогаш пред 2-3 века започнале да го викаат селото Соич. Но тоа е само легенда. Друга претпоствка е дека името го добило, најверојатно, од зоонимот сова, птица сојка, односно утка.

        Сович е стара македонска населба со свое богато културно и историско минато. Според турските документи за историјата на македонскиот народ изнесени во „Опширните пописни дефтери“ од 15 и 16 век, најстари регистрирани жители на селото Сович се од 1468 год. Тогаш селото броело 122 семејства или околу 606 жители.

        Низ селото редовно тече реката Здравица или Совичка Река. Населбата е планинска и лоцирана на падините на планинаната Ниџе на средна височина од 1080 м. Атарот се допира со државната гранична линија на Грција и зафаќа 16,2 км2. Од Битола е оддалечено 42км. а од Новаци 30 км.

        Во Сович било изградено современо училиште. Во него учеле учениците од 1 до 4 одделение. Наставата се одвивала на мајчин македонски јазик. Прв учител на македонски јазик во 1944-45 година бил Васил Типевски. По завршувањето на 4 одделение учениците своето образование го продолжуваа во Основното училиште „Мирче Ацев“ во село Бач кое од Совиќ е оддалечено 10 километри. Тие секој ден патуваа пеш по 20 километри, без разлика на временските услови. Беа примерни и вредни ученици. Многу од нив завршија средно, више и високо образование.

        Голем број на совиќани биле вклучени во борбата за слобода на Македонија. Во народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година. Од Совиќ учествувале 31 борец.

        Во потрага за подобар живот многу совичани започнаа да го напуштаат селото. Помасовно напуштање започнува во 1952 година. Еден број на семејства се преселија во селата Бач, Гермијан, други во Битола, а голем број заминале на печалба во Австралија и други земји. Во Кравари се доселиле 16 семејства. Во Кременица се доселиле 28 семејства со околу 80 жители каде управата на ЗК Пелагонија ги вработила и им изградила повеќе од 50 семејни домови за живеење. Најголем број на жители селото имало во 1953 година и тоа 458. Населбата била пред раселување уште во 1991 година кога броела 17 жители сите Македонци. Додека во 1994 веќе се води како раселена. Бројот на иселеници изнесува над 200 лица.

        Доселените совичани во село Кременица во 1994 година со нивна донација започнале со изградба на христијански храм кој му го посветиле на нивниот светец заштитник од родното село Совиќ - Св. Атанасиј Велики (Александриски). По неколку години храмот е изграден и во истиот совичаните од село Кременица ги изразуваат своите верски чувства и обичаи. Храмот им бил осветена во 2006 година.

        Совичан биле многу работливи и добри одгледувачи на овци и кози. Познати биле по своето совичко сирење што се продавало главно на пазарот во село Овчарани (Леринско). Исто така биле добри ловци и риболовци. Во нивната рекичка се ловела таканаречената зелена пастрмка. Воедно биле и добри градители – мајстори. Во групи ѕидале згради низ Солунско, Леринско и Костурско. Одтаму се враќале со добра заработувачка што им овозможувало да си купат исхрана за своето семејство. Имале посебен говор што се разликувал од мариовскиот и полјанскиот говор.

        Повеќе од 30 години селото е раселено.

Цркви и Манастири

Св. Атанас

        Во селото има храм посветен на Св. Атанас (Александриски), изграден 1860 година. Ден на селото e Св. Атанас – 15 Мај.

Св. Петка