Добровени

        Името на селото Добровени за прв пат се среќава во турските пописни дефтери од 1468 година каде е запишано како Добровјани. Во тоа време биле регистрирани 41 христијански семејства со 205 жители.        

        Спрема легендата населбата го добила името според некојси Добре кој бил првиот жител кој се населил во оваа месност. И по неговото име населбата ја завикале Добровени.

        Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Општина Новаци, на крајниот југоисточен дел на Битолското Поле. Низ него поминува асфалтиран главен пат што води од Битола за Старавина. Од Битола е оддалечено 33 км., а од Новави 20 км. Селото е рамничарско на надморска височина од 580 метри. Атарот зафаќа површина од 15.3 км2.

         Во 1961 г. селото броело максимум 362 жители, додека во 2002 г. бројот се намалил на само 18 жители. Бројот на иселени лица изнесува над 300. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа. Во 2008 година селото имаше само 8 жители а денес (2018) во Добровени нема постојани жители.

        Српските воени гробишта во село Добровени се наоѓаат во склоп на селските гробишта во имотот на црквата Св. Димитриј на влезот од село Добровени. За време на Првата светска војна постоела болница во ова село, што резултирало со голем број на гробови кои биле распоредени на различни локации во близина на село Добровени. По завршувањето на војната, поголемиот број од гробовите биле преместени на денешната локација.

        Во склоп на Српските воени гробишта во село Добровени постои еден споменик, кој е малку поразличен од другите поставени на ова место. Времето си го направило своето и текстот на овој споменик е тешко читлив. Имено, за време на Првата светска војна во село Добровени постоела воена пошта на српската војска. Скоро сите припадници на оваа пошта загинале при бомбардирање од страна на германската авијација на 29.11.1916 година. По завршувањето на војната, од страна на нивните пријатели поштари бил подигнат споменик на кој пишувало „Овај им споменик подигоше другови“. Денес овој споменик е дислоциран од првичната локација и се наоѓа во воените гробишта, веднаш до селските гробишта во село Добровени.

Цркви и Манастири

Св. Димитрија

        Црквата Св. Димитриј е изградена во 1886 година. По Првата светска војна била срушена до темел, а во 1927 г. на старите темели повторно изградена. Селска слава на селото е Митровден.