Бач
Населбата се наоѓа на главниот пат што води од Битола за Старавина преку Кременица. Во југоисточниот дел на Битолското Поле, и јужниот на Општина Новаци, недалеку од границата спрема Р. Грција. Селото е рамничарско, распослано од двете страни на патот на 610 м. надморска височина. Во селото Бач има 4 природни извори со чиста и здрава вода за пиење.
Први пишани документи за родени жители во село Бач се црковните книги. Во нив стои запишано името на Дело Кулевски кој бил роден 1842 година во село Бач. Потоа во континуитет се редат лица родени во село Бач.
Оваа населба првобитно била бачило и од таму си го добила денешното име. Друга претпоставка е дека првиот жител се викал Бачо. Трета претпоставка е дека Бач како централно место за околните села било седиште на турската управа за собирање на даноци од околните села. Во турската правна терминологија се употребувал зборот БАЏ ВЕ БАЗАР што на турски значело место каде се наплатува за донесената стока (со сегашен речник кажано -управа за приходи). Со текот на времето името Баџ се модифицирало и започнало да се употребува Бач.
Во Бач, како и во многу други македонски села силно влијание имале странските пропаганди во 19 и првата половина на 20 век. Во Бач особено биле изразени грчката и бугарската пропаганда. Поделеноста стигнала до таму па така биле изградени 2 храма, патријаршиски во 1870 година и егзархиски во 1912 год. Патријаршискиот храм бил разурнат во 1916 година за време на воените дејства од Првата светска војна. Целосно е разрушен во 1958 година и на истото место е изградена спортска сала на училиштето во село Бач.
Во подолг временски период Бач било општински центар за околните десетина села.
Бач од Новаци е оддалечено 18 км., а од Битола 25 км. Во 1961 г. Бач броело 706 жители, а како резултат на интензивни имиграциони движења, бројот во 2002 г. се намалил на 172 жители. Бројот на емиграција од селото изнесува над 600 жители. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа. Доколку би се вратиле селото би имало околу 1000 жители.
Најмногу бачани се иселени во Австралија. Тие оформиле свои региони и успешно ги негуваат македонските обичаи и традиција. Изградиле и Манастир Св. Климент Охридски во Кинглајк - Австралија. Се избориле за емисии на македонски јазик при Државната телевизија во Мелбурн. Главен уредник за емисиите на македонски јазик од 1980 година е Виолета Јовановска.
Во Бач живеат Македонци - Моштенци. Освен во селото Бач, Моштенци живеат во село Живојно, Гермијан и Сович и во триесетина села кои сега се наоѓаат во Грција. Моштенците имаат свои посебни украси и носија која битно се разликува од носијата на соседните мариовски села. Носијата била една од причините поради кои немало мажење и женење меѓу Мариовци и Моштенци, односно мажење и женење меѓу село Бач и Брод иако едното од другото се оддалечени само 2 километри.
Првото училиште во село Бач е изградено во 1921 година. Наставата на мајчин македонски јазик започна во ноември 1944 година. Во 1951 година четиригодишното училиште прерасна во седумгодишно, а потоа во осумгодишно. Училиштето го доби името на загинат борец од село Бач во Народно-ослободителната војна Коста Лазаревски. Во наредниот период училиштето беше преименувано. Сега се вика "Мирче Ацев". Денес (2018) во училиштето учат 23 деца. 9 од Бач а останатите од околни села.
Селска црква е Рождество на Пресвета Богородица изградена во 1912 г. Слава на селото е Мала Богородица.
Во селото Бач религијата преставувала главен и неразделен дел од животот на бачани. Затоа во селото најпрво била изградена голема црква посветена на Рождеството на Пресвета Богородица - Мала Богородица. За изградбата на црквата точен датум не се знае се смета дека е изградена 1871 година кога во книгата на родените од село Сович е запишано девојчето Петра од татко Крсте Кочовски и мајка Трпа родено на 3.4.1871. Црквата била многу голема со маестрална градба а внатре била фрескоживописана со многу старозаветни и новозаветни настани.
Од оваа црква денеска е останато само црковното ѕвоно кое е поставено во камбанаријата на денешниот храм. Во црковниот комплекс на јужната страна биле гробиштата кои денеска се посипени со земја а дел се однесени и во сегашните гробишта.