Балдовенци

        Селото е лоцирано во средишниот дел на Општината Новаци. Од Новаци е оддалечено 8 км., а од Битола 19 км. Легендата за потеклото на Балдовенци вели дека прв во оваа месност се населил некојси Балдо. Друга легенда е според месноста каде имало шумичка во вид на венец и населбата ја завикале Балдој венци.

        Во 1900 година населбата имала 185, а во 1961 имаше 170 жители, сите македонци. Од крајот на 60тите години таа е наполно раселена. До 1965 година во селото имаше училиште до 4 одделение.

        Последен постојан жител на Балдовенци бил Најдо Стојковски кој живеел во селото до 1999 година. Балдовенци e ридско село на надморска височина од 690 м. Атарот зафаќа површина од 10,2 км2. Денес во месноста на селото се среќаваат обрастени остатоци од распаднатите куќи но се среќаваат и неколку реновирани куќи со убаво уредени дворови. Еден од оние кој често го посетува својот роден крај е Велко Стојчевски кој чува повеќе од 100 семејстсва пчели.

        На самиот влез во селото има стадо со 200 говеда, со што максимално се искористуваат пасиштата во овој крај.

        Црквата посветена на Св. Атанасиј е изградена 1869 година. Храмот за време на Првата светска војна бил срушен, обновен во 1925 година и реновиран во 1960 година. Празник на селото е Атанасовден (15-ти Мај).

Цркви и Манастири

Св. Атанас