Будимирци

        Населбата го добила името по некојси Будимир кој прв се населил во оваа месност. (Буди + мир) што би значело „будење во мир“ или да се „биде во мир“. За прв пат под името БУДМИРЧИ се споменува во турскиот опширен пописен дефтер за Прилепската нахија од 1468 година.

        Будимирци е село со препознатлива архитектура.

        Во Будимирци се имаат преселено жители од некогашните соседни села Трново, Лешница и Леништа кои наполно се исчезнати. Населбата се наоѓа во Битолскиот дел на Мариово, во источниот дел на Општина Новаци од десната страна на Црна Река, чиј атар високо се издига до сртот на планината Ниџе, каде што со тесен дел се допира со државната граница со Грција. Селото е ридско на 840 м. надморска височина.

        Од Битола преку Маково и Старавина, Будимирци е оддалечено 53 км. Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 40,5 км2. и има ридско-планински карактер.

        Будимирци е зафатено со значителна депопулација бидејќи од него се иселило грото од населението. Бројот на емигрирано население изнесува над 500 лица. Најмногу население се иселило во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа. Така во 1948 година селото имало максимален број од 530 жители. Во 1961 година започнува масовно иселување за да во 2008 година селото имаше само 28 жители.

Цркви и Манастири

Св. Никола

        Црквата Св. Никола е подигната 1878 година, повторно изградена 1930, преобновена во 1952, 1990 и 2003 година). Храмот бил срушен до темел, камењата биле земени на фронотот за правење бункери.

        За време на Првата светска војна направени се оштетувања на црквата. Голем дел од вредните работи во црквата биле земени од бугарската војска и однесени во Бугарија, како што било случај и со земањето на црковниот инвентар и од другите цркви од селата во Битолското Поле.

        Во 2003 г. од жителите на селото храмот е поправен, ново зографисан, со нови икони и дарови од верниците. Славата на селото им била Петковден (27 октомври), посветено на поранешната стара црква Св. Петка и Св. Никола.