Груништа

        Името на селото потекнува од името на првиот жител Груно кој се населил во оваа месност. Населбата се наоѓа во битолскиот дел на Мариово во средишниот дел на Општина Новаци, од десната страна на Црна Река. Селото е ридско на 800 м. надморска височина. Од Новаци е оддалечено 44 км., а од Битола 55 км. Атарот има средна големина и зафаќа простор од 18,2 км2.

        Населението се занимавало со сточарство, лов, риболов, пчеларство, грнчарство, трговија. Најмногу се одгледувале овци и кози а селаните биле познати по прозиводство на познатото мариовско тепано сирење.

        Населбата е мала како што се впрочерм и речиси сите села во Мариово со тенденција на раселување. Во 1953 година селото броело максимум 264 жители. Додека во 2002 година бројот се намалил на само 3 жители. Најголем број од населението е иселено во Битола и прекуокеанските земји.

        Во 2008 година селото беше без жители.

        Во Груништа постојат две цркви, Св. Димитрија и Св. Петка.

        За време на Првата светска војна, ова село се наоѓало на Солунскиот фронт и тука се одвивала познатата битка за Грунишки Вис.

Цркви и Манастири

Св. Димитриј

        Св. Димитрија е изградена 1860 година а обновена во 1926 г. Претходно во неколку наврати месното население се обидело да ја изгради, но истата била туркана од турските власти. До црквата има изградено камена камбанарија.

        Во рамките на селските гробишта, во горниот дел има над 50 гробишта од српската војска, од загинати во текот на Првата светска војна. Исто така и низ селото има десетина српски гробови со надгробни споменици. Во средишниот дел на гробиштата погребан е висок бугарски старешина, генералот Климент Џаров.

 

Св. Петка

        Црквата Св. Петка е изградена во 1926 година од извесен Ристе Венин, кој на влезот на црквата поставил спомен плоча, која и денес се наоѓа на истото место. Во црквата има извор со вода, за кого месното население верува дека е света – лековита вода.