Старавина

        Спрема една легенда името на селото води потекло од големата распространетост на виновата лоза. Според тоа, населбата била позната со стари вина, значи населба на стари-вина, односно Старавина.

        Населбата се наоѓа во Битолскиот дел на Мариово на 850 м. надморска височина на источната висока страна на Општина Новаци. (По втората светска војна беше седиште на околија со 4 општинаи. Во 1955 година станува Општина, и во периодот од 1996-2004 година била седиште на истоимената Општина.  Поради големината и местоположбата Старавина и за време на Отоманското ропство била нахија.

        Од Битола е оддалечена 52 км., а од Новаци 41 км. Атарот на Старавина е мошне голем и зафаќа простор од 60,1 км2. и има ридски карактер.

        Старавинци биле сточари и земјоделци. Уште во 30-тите години од 20 век започнале да се експлоатираат шумите околу селото и покрај него бил сместен гатерот на Шумското претпријатие Кајмакчалан.

        Селото се делело на маали. Во Првата светска војна сите стари лозја биле уништени. Во последните децении на 20 век плодното земјиште е претворено во пасишта бидејќи не се наѓубрува и не се обработува. Поради тоа селото имало мешовито полјоделска дејност. Народот имал посебен култ кон сточарството, кон одгледување на овци и кози.

        Од фамилијата Сирмеви, од ова село потекнува Калеш Анѓа чиј грабеж и потурчување , како и масовното земање на млади синови мариовци во данок во крв и преголемите малтретирања на населението биле повод за кревање на Мариовската буна.

        Во 1951 година е отворено големо осумгодишно основно училиште. До училиштето изградена е амбуланта која до неодамна функционираше. Во 50 тите, 60 тите и некаде до 70 тите години од 20 век во Старавина имало КУД за негување фолклор, спортско и риболовно друштво, стрелачка дружина. По 1980 година Старавина започнала многу брзо да опустува, за во 1990 година да дојде само до 43 жители и тоа во одминати години. Набрзо во тој период било затворено и училиштето.

        Во последните 50 години од Старавина се иселил голем број од населението (над 500 лица) и таа преминала од средна во сосема мала населба. Така селото во 1961 година имало 655 жители. Максимум имало во 1953 кога броело 741 жител, сите Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 26, а во 2002 година само на 23 жители. Населението се иселило во Битола, Скопје, Прилеп, во бројни Битолски села, во прекуокеанските земји и во Европа.

        Во селото и неговата околина има Храм посветен на Св. Богородица и манастир Св. Атанас кој се наоѓа на Старавинското Тумбе.

        Во 2008 година во 8 семејства живееја 18 жители. Денес (2018) во Старавина има околу 5 постојани жители.

        Старавина е село познато по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја спремна и по секоја цена на својот живот за да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија. Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н „Мариовска буна“ во 1564/65 година.

        Легендата за Калеш Анѓа е овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оргиналните темели во Старавина, а од неодамна е и реновирана.

        Населението во Мариово и пружило голем отпор на Отоманската војска и во неколку наврати истата ја совладале. Сепак обиколени од сите страни од далеку помногубројниот непријател, востаниците морале да се повлечат на тврдината Пешта, лоцирана помеѓу селата Старавина и Градешница.  Пешта или Градиште е археолошки локалитет во битолското село Старавина. Локалитетот претставува населба и некропола од римско и доцноантичко време. Денес оваа тврдина е разрушена во голема мера поради бомбардирањето во текот на Првата светска војна.

        По Мариовската буна тврдината ја изгубила својата оргинална намена и била оставена на забот на времето. Денес разрушена, во голема мера поради бомбардирање во текот на Првата светска војна, таа останува како нем сведок за бурното минато на овие простори.

        Постојат докази дека тврдината Пешта постоела уште од време на античките македонски кралеви.

        Познато е дека за време на Првата светска војна, Српската војска била стационирана на овој дел од фронтот и некои од позначајните битки се случиле токму во регионот Мариово. Битките за Кајмакчалан, Добро Поле, Грунишки Вис итн., биле битки во кои голем број на војници ги дале своите животи, претежно од српската и бугарската војска, во кои од двете страни имало и присилно регрутирани војници од Македонија.

        Фронтовата линија врвела и низ село Старавина и може да се каже дека вистински страдалник во Првата светска војна било локалното население во Мариово, со стапка на смртност над 50% во поголемиот број на села и со тешки економски последици по својот имот.

Цркви и Манастири

Пресвета Богородица

        Црквата Успение на Пресвета Богородица е изграден во 1860 г. а живописана во 1887 г. Сигнатурите на фреските биле испишани на грчки, а по обновата биле на старословенски јазик. Во 1918 г. и селото и храмот биле до темел разрушени.

 

Манастир Св. Атанас

        Манастирот Св. Атанасиј е сместен во непосредна близина на селото на Старавинското Тумбе. Стариот храм потекнува од 1860 г., а во непосредна близина е и новиот храм кој е изграден неодамна заедно со конаците. Манастирот Св. Атанасиј е сместен на исклучително погодна положба, од каде посетителите на дланка го имаат цело Мариово.

Горна Црква

        Според кажувањата на локалното население оваа црква ја викаат Горна Црква. Била градена од српската власт по Првата светска војна, со намера подрумот од истата да послужи како костурница за загинатите српски војници на овој дел од Македонскиот фронт. Имено, во близина на селата Будимирци и Груниште, има голем број на гробови од Српската војска, на кои по војната со повторното обработување на земјата, полека им се губел трагот.

        Особено тежок бил животот во Мариово долго време и по завршувањето на војната и според некои, тоа била и причината зошто оваа црква народот никогаш не ја прифатил како своја и зошто истата денес, иако солидна по градба, стои откриена и осамена во влезот на село Старавина.