Зович

        Зовиќ или Зович, а на месен народен говор Бзовиќ е стара населба во битолскиот дел на областа Мариово која денес се наоѓа во рамки на Општина Новаци. Иако во службената и административна употреба селото е заведено и познато како Зовиќ или Зович, мештаните кои што живеат во него го нарекуваат Бзовиќ. Како Бзоик селото е запишано односно исклесано на плочата во селската црква „Св. Никола“ каде на старословенско писмо се запишани податоците за нејзината изградба од 30 октомври 1862 година.

        Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Лениште ја викале Бзовиќ поради тоа што околу неа имало многу боз. Грмушки од растението бозел и денес се наоѓаат во самото село и пошироко на атарот на Зовиќ. Оттаму, од името на растението боз или бозел доаѓа основата на името на селото (Б)зовиќ со значење на место обраснато со боз.

        Во минатото селото се викало Лениште и се наоѓало во месност оддалечена околу 500 метри од сегашното село. Меѓутоа за време на турското владеење селото било опљачкано и запалено поради што неговите жители биле принудени да се преселат на местото на денешното село при што на тој начин било основано и населено денешното село Зовиќ. Се претпоставува дека ова преместување, односно основањето на сегашното село Зовиќ се случило во 17 век, кога била изградена и малата еднокорабна црква Свети Атанасиј која се наоѓа на врвот на ридот веднаш над самото село.

        Според народното предание кое се раскажува помеѓу мештаните, селото односно претците кои го основале три пати се преселувале на три различни места пред конечно да се населат на сегашната местоположба. Најпрвин родовите живееле на месноста на ридот Душегубец помеѓу Старавина и Градешница, потоа се преместиле во месноста Лениште, од каде повторно се иселиле при што според верувањата, еден дел од луѓето заминале и го основале селото Лениште кај Прилеп, а другиот дел се населиле на сегашното место на Зович.

        Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Расположено е на надморска височина од 685 м. помеѓу два ридски гребени на југ и север. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село. Атарот на селото Зовиќ зафаќа прилично голем простор од 22,3 км². Од Битола е оддалечено 53 км.

        Крај селото кај познатиот Зовички мост тече Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе и навлегува во карпеста клисура од каде кај местноста Еленик се спојува со реката Сатока која потоа се влева во Црна Река. Преку велосипедска и пешачка патека кон север во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш минувајќи преку реките Градешка и Сатока, Зович е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово.

        Селото растело по бројот на жители и домаќинства сѐ до шеесетите години на 20 век, кога започнал бран на иселувања кој придонел за особено забележителен пад на бројот на жители по 1971 година. Во седумдесетите години селото добива и струја, што пак не го спречува процесот на иселување и раселување. Во 1953 година селото броело 356 жители, а во 1961 година пораснало на 388 жители со што било средно по големина. Веќе во 1994 година бројот на жители се намалил дури на 54, а во 2002 на 31 жител.

        Голем број на поранешни иселени жители и нивни потомци сѐ уште поседуваат и ги посетуваат своите куќи, од кои дел се обновени. За време на летниот период, селските празници и одржувањето на Зовичката средба во селото има и до стотина луѓе. Бројот на иселеници изнесува над 300 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа. Моментално во селото постојано живеат само неколку жители во одминати години.

        Баба Сава беше една од петте постојани жители на село Зович. Таа со дедо Миле живееја живот како и пред педесет години. Секогаш насмеана и полна со енергија ни раскажуваше случки од минатото. Таа имаше широко срце и секој добронамерник што ќе дојдеше во Зович несебично сакаше да го почести со се што има дома. Баба Сава почина во летото 2017 г.

        Во селото Зовиќ од секогаш па сѐ до денес живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Можно е некои од селските родовите да потекнуваат и од блиското одамна раселено село Чебрен.

        Зовичкиот мост е камен лачен мост кој ја премостува Градешка Река во непосредна близина на Зовиќ. Се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариовскиот крај. Поради тоа овој мост го инспирирало и најпознатиот Македонски режисер Милчо Манчевски, да сними дел од својот филм „Прашина“, се нарекува уште и Филмски мост. Мостот бил изграден уште во турско време, но бил дрвен, сè додека во (1952) еден селанец со претоварена воловска кола поминувал преку него. Тогаш мостот се преполовил, воловите и тој паднале во реката со што останал со трајни повреди на рбетот, неговите ќеркичка и син токму пред мостот слегле од колата да наполнат вода од реката. Тогаш селаните одлучиле да се изгради друг мост. Со залагање на месното население и колективите камениот мост бил изграден во 1955/6 година. Мајстор бил извесен Ѓуладин или Џуладин по потекло од село Лабуништа, струшко, кој заедно со своите работници живееле во селото додека се градел мостот и секоја куќа имала за задача одреден период да се грижи за нив.

        Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е Воденица, која населението ја користело за мелење на житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи.

Цркви и Манастири

Св. Никола

        Црквата Св. Никола е главна селска црква во селото Зовиќ сместена во близина на сретселото, а околу нејзе се наоѓаат и самите селски гробишта. Црквата била изградена во 1862 година од камен, многу подоцна од помалата црква „Св. Атанасиј“ во селото. Според податоците кои може да се прочитаат на плочата која е исклесана на ѕидот веднаш лево од вратата, на црковнословенски е запишано дека: „Во селото Бзоиќ овој свештен храм на нашиот отец Свети Николај, се изгради од православните христијани во времето на преосвештениот архиепископ Пелагониски г.г. Венедикт Византиски. 1862 Октомврија 30“.

        Црквата била многу оштетена во текот на Првата светска војна, поради што била обновен во текот на 1927 година. Самата градба на црквата е засводена со полукружен свод, еднокорабна градба и е украсена со фрески и икони. По враќањето на селаните од интернација, кои биле раселени за време на војната, повторно ја изградиле црква. Во текот на 1958 година, црквата била малтерисана, а самиот покрив и трпезаријата биле поправени.

 

Св. Атанас

        Црквата Св. Атанас е сместена на врв на рид во непосредна близина на самото село. Црквата е мала еднокорабна градба, сместена на самиот рид од каде се пружа целосен поглед на селото Зовиќ и на познатиот Зовички мост. Самата црква се смета дека потекнува од 17 век, од кога се верува дека и постои самото село на ова место. Во поново време, со голема помош од месното население, до самата црква е изградена трпезарија, поставен е крст, а донесена е и електрична енергија.

 

Св. Ѓорѓи

        Под мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи кој е еден вид на остаток од црквичето кое постоело таму. Живописот датира од поново време, односно од 1925 година која е испишана заедно со имињата на дарителите. Оваа икона на почетокот на 21 век е реставрирана од страна НУ Завод и Музеј Битола.