Рапеш

        Селото се смета дека е стара Мариовска населба и се наоѓа во битолскиот дел на Мариово на источната падина на Селечка Планина и на северниот дел на територијата на Општина Новаци. Рапеш е ридско село, на надморска височина од 700 метри. Атарот зафаќа простор од 22,3 км2. Во пописните турски дефтери од 15 век се споменува село со 65 жители.

        Во селото имало училиште до 1987 г. Во 2012 година повторно се слушна училишното ѕвонче во Рапеш. 5 деца на возраст од 6 до 9 години своето образование ќе го започнат и продолжат во обновеното училиште.

        Поради емиграцијата на населението селото преминало од средна во мала населба. Во 1961 г. Рапеш броело 478 жители, додека во 2008 г. само 20 жители. Бројот на иселеници изнесува околу 600 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа.

        Во селото има интересни и чисто македонски градби на куќите. Исто така, овој регион е богат со дивеч, најмногу со дива свиња а исто така бидејќи се наоѓа веднаш до Црна Река, овој дел е богат и со риба.

Цркви и Манастири

Св. Петка

        Црквата е посветена на два светци. Св. Петка и Св. Димитриј. Најпрво храмот бил изграден некаде кон 1860 г. од камен, со влез од јужната и западната страна, декориран со фрески и икони. Во 1918 бил гранатиран и разурнат. По војната, во 1919 г. избеганите рапевци се вратиле на своите огништа и го обновиле.