Паралово

        Според една легенда селото го добило името по конфигурацијата на теренот односно планинскиот  терен каде е лоцирана е каменлив и раздерен со суводолици, односно селото е распарано со потоци. Друга легенда кажува дека името населбата го добила по личните имиња на брачниот пар Паре и Пара кои први го формирале селото.

        Населбата се наоѓа во источниот дел на Битлско Поле, а во иста насока на територијата на Општина Новаци на југозападната падина на Селечка Планина. Селото е ридско на 810 м. надморска височина. Од Битола е оддалечено 24 км., а од Новаци 13 км. Атарот зафаќа површина од 8,9 км2.

        Селото е мало, населено со македонско население и е доведено во фаза на раселување. Така, во 1961 година населбата броела максимум 213 жители, а во 2002 само 5 жители. Бројот на иселени изнесува над 150 лица. Најголем број од населението се ислелило во Битола, Новаци, Долно и Горно Оризари и прекуокеанските земји.

        Во 2008 година а и денес (2018), селото има само 2 жители. Трајан и Лена Миленковски.

        Црквата во селото е посветена на Успеание на Пресвета Богородица (1860), а над селото се наоѓа и прекрасниот манастир Св. Ѓорѓи.

        За време на Првата светска војна, ова село се наоѓало на самата фронтова линија и истото било скоро целосно разрушено. Истата судбина ја имал и манастирот чии што конаци биле целосно разрушени, а храмот Св. Ѓорѓи претрпел сериозни оштетувања.

        Селаните биле иселени во Живојно и по завршувањето на војната, се вратиле и го обновиле селото и манастирот.

        Во непосредна близина на манастирот се наоѓа гробот на славниот македонски војвода Ѓорѓи Сугарев, кој со својата чета загина во месноста Чукарите на 24 март, 1906 г.

        Село Паралово и Ѓорѓи Сугарев се споменуваат и во една од најпознатите песни од Мариово „Заплакало е Мариово“. Мора да се нагласи дека во оваа песна е нанесена една голема неправда врз жителите на село Паралово. Имено не е точно дека жителите на с. Паралово го предале Ѓорѓи Сугарев, туку тоа го сторил Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација на ВМРО.

        Пролетта 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите.

Цркви и Манастири

Пресвета Богородица

Манастир Св. Ѓорѓи

        Во близина на село Паралово се наоѓа еден од најубавите манастири во овој крај - Св. Ѓорѓи изграден во 1860 или 1876 година но веројатно на темелите на постар средновековен споменик . Манастирот е надалеку познат по своите конаци и прекрасно уреден двор. Во овој храм, се верува дека е скриен еден прст од раката на Св. Ѓорѓи.