Долно Орехово

        Името на населбата е добиено по ореовите стебла кои биле најзабележливи во околината и спрема нив соседните села ја именувале населбата.

        Долно Орехово се наоѓа на источната страна на Битослкото Поле и во иста насока на територијата на Општина Новаци, неделеку од десната страна на патот Битола-Маково. Селото е ридско, на 720 м. надморска височина и лежи на југозападните разграноци на Селечка Планина. Од Новаци е оддалечено 12 км., а од Битола 23 км. Атарот е голем и зафаќа простор од 20 км2. Во населбата имало неколку воденици, се одгледувало овошје, додека сточарството било главна гранка.

        По првата светска војна, 1918 година поради големата блискост на Кота 1050, каде бил фронтот и каде се вршело бомбардирање и минирање, селото Ореово заедно со жителите на Паралово, Врањевци, Биљаник и Суводол биле иселени и сместени во селата Живојно и Бач и во кавадаречкиот крај. По две години биле вратени назад. Селото било испустено. Голем број куќи и други објекти биле гранатирани и разурнати. Многу од стоката, предметите и општото богатство било разграбано од грчките андарти кои плачкале по селата.

        Бројот на иселено население изнесува над 200 жители. Од Долно Орехово повеќето население се иселило во Битола, Скопје но и во прекуокеанските земји и Европа. Во 1961 година селото броело 325 жители, додека во 2002 година бројор се намалил на 45 жители.

        Селото има 3 цркви. Св. Теодор Тирон (градена 1850 г.), Св. Никола, Параклис Св. Цар Константин и Елена и Манастир Св. Филип (изграден 1993 г.)

        Слава на селото е Тодорица. Во 2008 година во селото живееле 20 жители.

Цркви и Манастири

Св. Теодор Стратилат

Св. Никола

Св. Константин и Елена

Манастир Св. Филип