Долно Агларци

        Населбата си го добила името по фактот што тоа било своина на некој си Ага, па затоа околните жители го викале агларци. (Село сооственост на Ага). Долно Агларци е наречено бидејќи има и Горно Агларци. Всушност тие две села се создадени од едно од кое се одвоиле.

        Населбата се наоѓа во средишниот дел на Битолското Поле, од левата страна на Црна Река и припаѓа на северозападниот дел од Општина Новаци. Селото е рамничарско на 584 м. надморска височина. По втората светска војна, селото било од развиен тип, со голем број стока и обработливо земјиште. Од Новаци е оддалечено 5 км., а од Битола 17 км.

        Основното училиште до 5 одделение е заедничко за Долно и Горно Агларци. Во него учат околу 10 деца.

        Селото за прв пат се спомнува во 16 век (податок од турските дефтери), каде се среќава под името Лаглар и во кое живееле девет фамилии кои имале свој имот поделен на девет чифлици и сите биле Турци. Подоцна се среќава првиот арнаутин Македонец по име Стојан, односно тој бил прв чорбаџија во селото. Во тие времиња кај нив работеле Македонци како момоци во чувањето на стока на турските чорбаџии. Потоа селото се среќава како Агаларце за најпосле при крајот на 18 век да се сретне како Агларце. Веројатно при делењето на имотот некои останале понаисток при што се формирало селото Горно Агларци, а некои отишле кон запад при што го формирале селото Долно Агларци.

        Жителите на Долно Агларци се сеќаваат и раскажуваат за Борис Турчинот, кој на времето (1950-1970) година бил многу добар и прочуен пајтонџија во регионот и пошироко. На неговата куќа која за жал се распаѓа се уште може да се види симболот (коњот) кој е умешно исклесан на ѕидот.

        Во 1953 г. броело максимум 439 жители. Од Долно Агларци се иселило речиси половината од неговото население, така што тоа преминало од средна во мала населба. Во 2002 г. бројот се намалил на 167 жители. Бројот на иселеници изнесува над 300 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа. Денес, (2019 година) селото брои околу 140 жители.

        Црквата Св. Петар и Павле е заедничка за Горно и Долно Агларци. Слава на Долно Агларци е Велигден.

Цркви и Манастири

Св. Петар и Павле

Св. Петка