Рибарци

        Во непосредна близина на насеблата се простираше бара, остаток од некогашното Пелагониско Езеро, кое егзистираше до средината на 50 години на 20 век.  Додека постоела Битолската Бара од левата страна на Црна Река селаните ловеле многу риби, па затоа името на оваа населба произлегло од богатството и ловот на риби, со што ги идентификувале селаните.

        Селото е рамничарско на 577 м. надморска височина. Од Битола населбата е оддалечена 14 км., а од Новаци 3 км. Атарот зафаќа простор од 7 км2.

        Во времето од 1924 до 1935 година во населбата биле доселени 12 фамилии со 59 Срби колонисти. До истекот на блатото до 1954 година жителите на селото се занимавале со рибарство и плетење на рогузини од шамокот што растел во блатото.  

        На 5 јули 1908 г. во Рибарци е извршен колеж од страна на грчките андарти. Андартите ноќта го нападнале селото,го ограбиле населението и потоа започнале со масакрот. Во колежот 25 селани биле жестоко убиени а неколку жители биле ранети. Тогашниот младотурски комитет испратил 100 лири во знак на помош на населението кое настрадало од овој напад.

        Населбата е мала која во 1976 година броела 224 жители, а во 2002 бројот се намалил на 130, сите Македонци. Бројот на иселеното население изнесува над 100 жители. Најмногу има иселени во Битола и прекуокеанските земји.

        Селската црква е посветена на Св. Ѓорѓи. Изградена е во 1862 година, срушена 1918, обновена 1936 и 1971 и повторно возобновена во 2000/2003 година. Слава на селото е Ѓурѓовден. Во 2008 година селото имаше 110 жители. Денес, (2019 година) селото брои околу 80 жители.

Цркви и Манастири

Св. Ѓорѓи