Новаци

        Новаци е едно од најголемите села во Битолско, се наоѓа во средишниот дел на Битолското Поле и претставува седиште на истоимената Општина Новаци. Лежи на патот што води од Битола преку Селечка Планина за битолскиот дел на Мариово.  Постои легенда според која оваа населба во споредба со околните настанала подоцна, па затоа новодоселените ги викале новаци кое име со текот на времето се пренесло и на населбата. Другата претпоставка е дека името Новаци доаѓа од првиот жител на оваа територија Новак, кој со својата фамилија се доселил на тие простори.

        Новаци за првпат се споменува уште во далечната 1468 година. Во турските дефтери за Битолската нахија, селото е регистрирано со името Новак, а е напишано како Новаки, Новак. Цивилизација во Пелагонија имало уште од античко – римско време, додека христијанството, според археолошки наоѓалишта на остатоци од христијански храмови, било примено уште во првите векови.

        Според кажувањата на постарите новачани, на сегашната територија на Новаци многу години на назад се простирала огромна бара, при што тој дел не бил воопшто населен. Со повлекувањето на водата од барата тука се појавила плодна почва при што голем број луѓе почнале да се доселуваат во овој дел.

        Селото е расположено на патот којшто води од Битола преку Селечка планина  за битолскиот дел на Мариово. Селото е рамничарско, сместено на 578 м. надморска височина. Новаци од Битола е оддалечено 12 км. Новаци е голема и развиена рурална населба, седиште на Општина со позитивен популациски биланс.

        Населбата има карактеристична полјоделска функција, поради тоа што неговото население се занимава главно со земјоделие (одгледување жито). Во близина на Новаци се наоѓа најголемата Македонска термо-електрана РЕК Битола и фабриката ФОД Новаци. Во Новаци работат осумгодишно училиште, ветеринарна станица, земјоделска задруга, пошта и амбуланта.

        Така, во 1961 г. Новаци имало 1048 жители, а во 2002 г. имала 1283 жители.  Во периодот по 60 години на 20 век започнува нов бран на емиграција. Бројот на емигрираното население од Новаци изнесува над 500 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа.

        Во населбата се наоѓа еден манастир и една црква. Црковниот храм посветен е на Св. Атанасиј, (1868 година) а манастирот на Пресвета Богородица. Слава на селото е Св. Атанас и Мала Богородица.

Цркви и Манастири

Св. Атанас

Рождество на Пресвета Богородица

        Манастирот Рождество на Пресвета Богородица, изграден е на 1 км. од Новаци, десно од брегот на Црна Река. Во 2006 година беше изграден само храмот на манастирот кој е трокорабен  и претставува монументална христијанска градба со 8 кубиња покриени со бакарни плочи. Општина Новаци  редовно се грижи за одржувањето на манастирот која е една од најубавите градби во Пелагонија. Манастирот од неодамна е и осветен.