Свето Тодори
Името на селото е добиено од името на црквата Свети Тодори која била посветена на светецот Св. Тодор. Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Исвети Тодор и имало 25 семејства. Во османлиски даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Манастир од 1611 - 1612 година, селото е запишано под името Исвед Тодор со 13 домаќинства.
Селото се наоѓа во северниот дел на Битолско Поле и на територијата на Општина Могила. Од Могила е оддалечено 19 км., а од Битола 28 км. Селото е ридско и се наоѓа на 650 м надморска височина. Атарот зафаќа простор од 11,2 км2. и има рамнинско-ридски карактер. Во него работи основно училиште до 5 одделение (подрачно на ОУ „Кочо Рацин“ – Ивањевци).
Од населбата, речиси половина од населението се иселило и таа преминала од средно во мало село. Така во 1961 година селото имало максимум 481 жител, а во 2008 година имало 170 жители. Бројот на емигрирано население изнесува над 200 лица. Најмногу иселеници има во Битола, Прилеп, Скопје, прекуокеанските земји и Европа.
Во селото има црква Св. Тодор Стратилат (1880 година изградена на многу стари темели, обновена по Првата светска војна во 1921 година и во 1990 реконструирана). И еден манастир Св. Вмч. Тодор Стратилат (1970 година). Слава на селото е Св. Тодор (21 јуни).
Крчин е археолошки локалитет во битолското село Свето Тодори. Локалитетот претставува светилиште и некропола од доцноантичко време. Се наоѓа на мало плато што се наоѓа на јужната периферија на селото, каде според исказите на жителите биле откриени гробови градени од големи камени плочи - тип циста. Исто така се откриени и остатоци од темели на црква градена од кршен камен и варов малтер. Најдена е и мермерна плоча со релјефна претстава на човечки фигури.